2 Цареви 6:18-24 MKB

18 Кога Арамејците слегоа спрема него, Елисеј Му се помоли на Господа вака: „Порази ги со слепило овие луѓе!” И на Елисеев збор ги удри со слепило.

19 Елисеј им рече: „Ова не е патот и ова не е градот. Тргнете по мене, јас ќе ве одведам кај човекот што го барате.” Но ги одведе во Самарија.

20 Кога влегуваа во Самарија, Елисеј рече: „Господи, отвори им ги на овие очите за да прогледаат.” Господ им ги отвори очите, и тие видоа дека се среде Самарија!

21 Кога ги виде царот на Израел, му рече на Елисеј: „Дали треба да бидат погубени, татко мој?”

22 А тој одговори: „Немој да ги убиваш. Зар ќе ги убиеш оние што не ги зароби со својот лак и меч? Дај им леб и вода, за да јадат и да пијат, и нека се вратат при својот господар.”

23 Царот им даде голема гозба. Откако јадеа и пиеја, ги пушти. И се вратија при својот господар. И така арамејските грабачи веќе не навлегуваа на израелска почва.

24 После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија.