2 Цареви 7:3-9 MKB

3 А пред градската врата беа четири проказани; тие си рекоа еден на друг: „Зошто стоиме тука и ја чекаме смртта?

4 Ако одлучиме да влеземе во градот, гладта е во градот, та ќе умреме таму; ако останеме тука, пак ќе умреме. Ајде! Да избегаме и да преминеме во арамејскиот логор: ако нè остават во живот, ќе живееме; ако нè убијат, па добро: ќе умреме!”

5 Во примрак, откако станаа, тргнаа оттаму во арамејскиот логор. Стигнаа до работ на логорот, и ете - таму немаше никој!

6 Зашто Господ направи та во арамејскиот логор се чу шум од коли и коњи, врева на голема војска. И зборуваа меѓу себе: „Ете, царот на Израел ги наеми против нас хетитските цареви и египетските цареви за да тргнат против нас.”

7 Се дигнаа и избегаа во примрак: ги оставија своите шатори, коњите и ослињата, сиот логор каков што беше. Побегнаа за да ја спасат жива главата.

8 И така, кога проказаните дојдоа до работ на логорот, се вовлекоа во еден шатор. Откако се најадоа и напија, зедоа оттаму сребро, злато и облеки па отидоа да ги скријат. Тогаш се вратија па влегоа во друг шатор: зедоа плен од него, та отидоа и го скрија.

9 Тогаш си рекоа еден на друг: „Не смееме да правиме така. Денешниот ден е полн со радосни вести, а ние молчиме. Ако го дочекаме утрото, ќе бидеме виновни. Затоа да тргнеме! Да му ја јавиме новоста на дворецот.”