2 Цареви 7:9-15 MKB

9 Тогаш си рекоа еден на друг: „Не смееме да правиме така. Денешниот ден е полн со радосни вести, а ние молчиме. Ако го дочекаме утрото, ќе бидеме виновни. Затоа да тргнеме! Да му ја јавиме новоста на дворецот.”

10 И се вратија, ја повикаа градската стража и соопштија: „Отидовме во арамејскиот логор, а таму никаде немаше човек ни човечки глас; само коњите се врзани, и ослињата, а шаторите се оставени какви што се.”

11 Стражарите извикаа и соопштија во внатрешноста на дворецот.

12 Царот стана ноќе и им рече на своите придворници: „Јас ќе ви објаснам што ни направија Арамејците. Бидејќи знаат дека сме гладни, излегоа од логорот и се скрија во полето мислејќи: ‘Тие веќе ќе излезат од градот, а ние ќе ги фатиме живи, и ќе влеземе во градот.’”

13 А еден од неговите придворници одговори: „Сепак нека бидат земени пет од останатите коњи. Со нив ќе биде како со сето Израелево множество што остана тука. Да ги испратиме, па ќе видиме.”

14 И зедоа два колски коња, и царот испрати луѓе во арамејскиот логор, говорејќи: „Одете, извидете!”

15 Одеа по нив до Јордан; целиот пат беше покриен со облеки и со работи што Арамејците ги исфрлија при бегањето. Гласниците се вратија и го известија царот.