2 Цареви 9:17-23 MKB

17 Стражарот што стоеше на стражарницата во Езраел, гледајќи дека доаѓа Јујовата чета, јави: „Гледам некаква чета.” Јорам нареди: „Земи коњаник и испрати го пред нив да праша: „Дали е сè со мир.”

18 Коњаникот отиде пред него и рече: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” - Јуј одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.” Стражарот соопшти: „Гласникот стигна до нив, но не се враќа.”

19 Царот испрати друг коњаник. Тој дојде кај нив и праша: „Царот вели вака: ‘Дали е сè со мир?’” Јуј му одговори: „Што ти е грижа дали е со мир! Ајде по мене.”

20 Стражарот јави пак: „Дојде до нив, ама не се враќа. А возењето е како возењето на Јуј, синот Нимсиев: вози како безумник!”

21 Јорам рече „Спрегнувај!” И спрегнаа во неговата кола. Јорам, царот на Израел, и јудејскиот цар Охозиј излегоа, секој во својата кола во пресрет на Јуј. Го сретнаа во полето на Езраелецот Навутеј.

22 Кога Јорам го здогледа Јуја, го праша: „Дали е сè во мир, Јуј?” Овој одговори: „Каков мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините бројни вражања!”

23 Јорам сврти и почна да бега велејќи му на Охозиј: „Предавство, Охозиј!”