Неемија 5 MKB

1 Тогаш пророците Агеј и Захариј, синот Адонов, почнаа да им пророкуваат на Јудејците во Јудеја и Ерусалим, во Името на Израелевиот Бог, Кој беше над нив;

2 тогаш Зоровавел, синот Салатилов, и Исус, синот Јоседеков, станаа и почнаа да го ѕидаат Божјиот Дом во Ерусалим: Божјите пророци беа со луѓето и ги бодреа.

3 Во тоа време дојде кај нив Татнај, управител оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници и ги прашаа: „Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате овие ѕидови?

4 Како се викаат луѓето, кои ја изградија оваа зграда?”

5 Но Божјото око бдееше над јудејските старешини, па не им забранија да работат додека веста не отиде до Дариј и додека не стигна писмен одговор за тоа.

6 Ова е препис на писмото, што му го испратија на царот Дариј: „Татнај, управител од онаа страна на Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници, оттаде Еуфрат.”

7 Тие му испратија извештај со оваа содржина: „На царот Дариј секаков мир!

8 Царот нека знае дека дојдовме во покраината Јудеја кај Домот на великиот Бог: го градат со крупни камења, ѕидовите ги обложуваат со дрво; работата се изведува внимателно и напредува во нивните раце.

9 Ги прашавме нивните старешини и им рековме: ‘Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате неговите ѕидови?’

10 Ги прашавме и за нивните имиња, за да ти јавиме. Така и ги запишавме имињата на оние, кои заповедаат со луѓето.

11 А тие ни одговорија вака: ‘Ние сме слуги на Бога на небото и земјата; го градиме Храмот што беше изграден пред многу години и што го беше изградил и подигнал големиот цар на Израел.

12 Но кога нашите татковци го расрдија Бога на небото, Тој ги предаде во рацете на Халдеецот Навуходоносор, вавилонскиот цар, кој го разурна Храмов и го одведе народот на заточение во Вавилон.

13 Но во првата година на вавилонскиот цар Кир, царот Кир заповеда да се изгради повторно Божјиов Дом.

14 Уште и златните и сребрените посатки на Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше однесол од Светилиштето во Ерусалим и што ги пренесе во вавилонското светилиште, царот Кир ги зеде од светилиштето во Вавилон и ги предаде на човекот по име Сасавасар, кого го постави управител,

15 и му рече: „Земи ги овие посатки, оди и стави ги во ерусалимското Светилиште, и Божјиот дом нека биде ѕидан на старото место.”

16 И така тој Сасавасар дојде и ги постави основите на Божјиот Дом во Ерусалим. И оттогаш па до денес се гради, и уште не е довршен.’

17 И така, сега, ако царот сака, нека се истражува во царското писмочувалиште во Вавилон, дали навистина царот Кир дал повелба да се изгради Божјиот Дом во Ерусалим. А царската одлука за тоа нека ни биде соопштена.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10