Неемија 9 MKB

1 Откако сè тоа беше уредено, ми дојдоа главатарите велејки: „Израелскиот народ, свештениците и левитите не се оддвоија од народите на земјата, закоравени во нивните мерзости: не се одделија од Хананците, Хетејците, Ферезејците, Јевусејците, Амонците, Моавците, Египетците и Аморејците,

2 туку ги земаа за себе и за своите синови нивните ќерки за жени: светиот род се измеша со народите на земјата; главатарите и советниците први ја направија таа неверност.”

3 На таа вест ги искинав својата облека и наметката, ги корнев својата коса и брада, и седев нерасположен.

4 Сите кои стравуваа од Божјата беседа се собраа околу мене заради неверноста на оние повратници. А јас непрекинато седев нерасположен, сè до вечерната жртва.

5 А при вечерната жртва се тргнав од својот јад и, со искинатата облека и наметка, паднав на колена, ги раширив рацете кон Јахве, својот Бог.

6 И реков: „Мој Боже! Срам ми е и се плашам да го подигнам моето лице кон Тебе, мој Боже! Зашто нашите злодела се намножија преку глава, и нашите гревови се натрупаа до небото.

7 Од времињата на нашите татковци па до денес ние сме во голема вина, и заради своите беззаконија бевме предадени во рацете на земните цареви: ние, нашите цареви и нашите свештеници - под меч, на заточение, во пленство и за срам, како што е тоа и денес.

8 Но сега, за кратко време, Господ, нашиот Бог, ни направи милост, и ни го остави Остатокот, и ни даде засолниште во Своето свето место: така нашиот Бог ни ги просвети очите и ни даде малку живот во нашето робување.

9 Зашто ние сме робови, но во нашето ропство нашиот Бог никогаш не нè остави: туку ни даде па најдовме милост кај персиските цареви, ни даде сила да го подигнеме Домот на нашиот Бог и да ги обновиме неговите урнатини, и ни набави засолниште во Јудеја и Ерусалим.

10 Но сега, што можеме да речеме, наш Боже, кога по сè тоа не водевме грижа за Твоите заповеди

11 кои ги заповеда преку Твоите слуги пророците со овие зборови: ‘Земјата во која влегувате да ја населите е нечиста земја од нечистотата на народите на земјата, од нивните гнасости, со кои се наполнија од едниот крај до другиот.

12 Затоа не ги давајте вашите ќерки за нивните синови, и не земајте ги нивните ќерки за вашите синови; не посакувајте ги никогаш нивниот мир и нивната среќа, за да станете силни, за да ги јадете најдобрите плодови на земјата и за да им ја оставите засекогаш во наследство на вашите синови.’

13 И по сè што ни се случи заради нашите лоши дела и заради нашата голема вина, добро е, о наш Боже, што си ги сметал нашите злодела помали отколку што е нивната злоба и што ни го остави Остатоков!

14 Зар можеме и натаму да ги прекршуваме Твоите наредби и да се врзуваме со овие гнасни народи? Зар не би се расрдил Ти и зар не би нè сотрел, така што не би останале повеќе ни Остатокот ни некој спасен?

15 Господи, Израелев Боже, по Твојата праведност ние останавме Остаток, како што сме денес: еве нè пред Тебе со нашиот грев! Навистина не би сме смееле да стоиме пред Тебе заради него!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10