Неемија 6 MKB

1 Тогаш, по заповед на царот Дариј, почнаа да бараат во Вавилон, во книжницата каде што беа чувани преписките,

2 и најдоа во Екбатана, тврдина во Мидиската Покраина, книжен свиток со оваа повелба: „За спомен.

3 Во првата година на Кировото царување, царот Кир даде повелба за Божјиот Дом во Ерусалим. ‘Домот нека биде изграден како место каде ќе бидат принесувани жртви и каде ќе бидат донесувани приноси за палење. Нека биде висок шеесет лакти и широк шеесет лакти.

4 Три реда нека бидат од големи камења, а еден од дрво. Трошоците ќе бидат подмирени од царскиот дворец.

5 Освен тоа, златните и сребрените посатки од Божјиот Дом, што Навуходоносор ги беше зел од Светилиштето во Ерусалим и ги пренесол во Вавилон, да се вратат и нека бидат на своето место во ерусалимското Светилиште и нека бидат поставени во Божјиот Дом.’

6 И така, сега Татнају, управителу оттаде Реката, Сетар-Воснају и вашите другари посланици од онаа страна на Реката, оддалечете се оттаму!

7 Оставете: јудејскиот управителот и јудејските старешини нека го градат Божјиот Дом. Божјиот Дом треба да биде изграден на неговото првично место.

8 Еве ги моите повелби за вашето држење кон јудејските старешини за да се изгради повторно Божјиот Дом: од царското благо - то ест од данокот оттаде Реката - нека им се плака внимателно на оние луѓе, без прекратување,

9 и што ќе им треба за жртвите паленици на Бога на небото: јунци, овни и јагниња, и пченица, сол, вино и масло, нека им се дава редовно секој ден, според упатствата на свештениците во Ерусалим.

10 Нека принесуваат жртви за пријатен мирис на Бога на небото, нека се молат за животот на царот и неговите синови.

11 Освен тоа повелам: секој што ќе ја прекрши оваа наредба, нека му извадат греда од куќата, па нека биде погубен на неа, а куќата да му стане затоа буниште.

12 И Бог, Кој таму го настани Своето Име, нека ги обори секој цар и народ, кој би се осмелил да ја прекрши мојата заповед и го разурне Божјиот Дом во Ерусалим! Јас, Дариј, ја дадов оваа наредба. Нека се извршува точно!”

13 Тогаш Татнај, сатрапот оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари, направија онака како што нареди царот Дариј.

14 А еврејските старешини продолжија да градат успешно по вдахновение на пророците Агеј и Захариј, синот Адонов. Го завршија градењето по наредбата на Израелевиот Бог и по наредбата на Кир и Дариј и Артаксеркс, персискиот цар.

15 Храмот беше завршен во дваесет и третиот ден на месецот Адар. Тоа беше во шестата година на владеењето на царот Дариј.

16 Израелците - свештениците, левитите и Остатокот од повратниците од заточение - го осветија радосно Божјиот Дом.

17 За осветувањето на Божјиот Дом жртвуваа сто јунци, двеста овни, четири стотини јагниња и, како жртва за гревовите на целиот Израел, дванаесет јарци - според бројот на Израелевите племиња.

18 Потоа ги поставија свештениците според нивните редови и левитите според нивните разреди за служба во Божјиот Дом во Ерусалим, како што е пропишано во Мојсеевата Книга.

19 Повратниците од заточение ја прославија Пасхата во четиринаесеттиот ден на првиот месец.

20 Сите левити, како еден човек, се очистија: сите беа чисти; ја жртвуваа Пасхата за сите повратници од ропството, за своите браќа свештеници и за себеси.

21 Пасхата ја јадеа Израелците, кои се вратија од ропството, и сите оние кои - откако прекратија со нечистотата на народот на земјата - им се придружија да Го бараат Господа Израелевиот Бог.

22 И го празнуваа радосно празникот Пресни Лебови седум дена: зашто Господ ги исполни со радост и Го сврте кон нив срцето на асирискиот цар, за да ги зајакне нивните раце во работата околу Домот на Бога, на Израелевиот Бог.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10