3 Во тоа време дојде кај нив Татнај, управител оттаде Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници и ги прашаа: „Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате овие ѕидови?
4 Како се викаат луѓето, кои ја изградија оваа зграда?”
5 Но Божјото око бдееше над јудејските старешини, па не им забранија да работат додека веста не отиде до Дариј и додека не стигна писмен одговор за тоа.
6 Ова е препис на писмото, што му го испратија на царот Дариј: „Татнај, управител од онаа страна на Реката, Сетар-Воснај и нивните другари пратеници, оттаде Еуфрат.”
7 Тие му испратија извештај со оваа содржина: „На царот Дариј секаков мир!
8 Царот нека знае дека дојдовме во покраината Јудеја кај Домот на великиот Бог: го градат со крупни камења, ѕидовите ги обложуваат со дрво; работата се изведува внимателно и напредува во нивните раце.
9 Ги прашавме нивните старешини и им рековме: ‘Кој ви одобри да го градите овој Храм и да ги подигате неговите ѕидови?’