1 А јас самиот, Павле, ве молам заради Христовата кротост и благост; јас, кој сум смирен пред вас, кога сум меѓу вас, но сум смел кон вас, кога сум далеку од вас;
2 ве молам кога ќе бидам при вас, да не треба да истапам со онаа смелост, со која мислам да истапам против некои, кои мислат дека ние одиме по телото.
3 Зашто, иако живееме во телото, не војуваме со телото,
4 зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини,
5 па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христа;
6 и готови сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност.
7 Зар надворешно гледате на работите? Ако е некој уверен во себе дека е Христов, нека го размисли уште еднаш во себеси ова: како што е тој Христов, така сме и ние!
8 Зашто, ако се пофалам и малку повеќе со нашата власт, што Господ ни ја даде за ваше издигање, а не за ваша пропаст, нема да се засрамам;
9 за да не се покажам дека ве заплашувам со писмата,
10 зашто, „писмата се, велат некои, значајни и силни; но при личното присуство тој е слаб, а зборот му е презрен.”
11 Таквиот нека знае дека она што сме на збор преку посланијата кога сме отсутни, тоа сме и на дело кога сме присутни.
12 Имено, ние не смееме да се вбројуваме или да се споредуваме со некои, кои се препорачуваат сами себеси; но не постапуваат разумно, зашто се мерат сами со себе и се споредуваат сами со себе.
13 А ние не сакаме да се фалиме преку мерка, туку само според мерката на правилото, што Бог ни ја определил како мерка, за да достигнеме и до вас.
14 Зашто, ние не преминуваме преку мерката, како да не сме достигнале до вас; зашто ние стигнавме и до вас со Евангелието на Христа.
15 Не се фалиме преку мерка со туѓи напори, туку се надеваме дека ќе се возвеличиме изобилно меѓу вас, според нашата мерка, кога ќе порасне вашата вера;
16 и да го проповедаме Евангелието подалеку од вас, а да не се фалиме со она што е направено во границите, што им се определени на други.
17 ”Кој се фали, во Господа да се фали.”
18 Зашто, не е достоен кој самиот се препорачува, туку оној кого Господ го препорачува.