1 А како Негови соработници ние ве молиме, да не ја примате напразно Божјата благодат.
2 Зашто вели: „Во благопријатно време те послушав и во денот на спасението ти помогнав.” Еве, сега е благопријатното време, ете, сега е денот на спасението!
3 Не даваме никакви соблазни, ни во што, за да не и се приговори на нашата служба;
4 туку во сè се покажуваме како Божји слуги: во големо трпение, во неволји, во беди, во тешкотии,
5 при удари, во темници, во буни, во напори, во бдеења, во пости;
6 во чистота, во знаење, во трпеливост, во добрина, во Светиот Дух, во нелицемерна љубов;
7 во словото на вистината, во Божјата сила, со оружје на правдата, со десната и левата рака,
8 со слава и со срам, со лош глас и со добар глас, како измамници, а вистински луѓе,
9 како непознати, а пак, добро познати, како оние кои умираат - и ете, живееме; како казнувани, но не убивани,
10 како жалосни, но секогаш радосни; како бедни, а збогатуваме други, како оние кои немаат ништо, а имаат сè.
11 Нашата уста се отвори кон вас, Коринтјани, нашето срце стана широко.
12 Вам не ви е тесно во нас, но тесно ви е во вашите срца;
13 ви зборувам како на свои деца: бидете широки и вие, за да ми вратите на ист начин.
14 Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците! Зашто, што има правдата заедничко со беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?
15 Во што се сложува Христос со Велијал? Или каков дел има верникот со неверникот?
16 Или како се сложува Божјиот храм со идолите? Зашто, ние сме храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе живеам во нив и ќе одам сред нив, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.”
17 ”Затоа, излезете од меѓу нив и одвоете се - говори Господ, и не допирајте се до нечисто; и Јас ќе ве примам;
18 и ќе ви бидам Татко, а вие ќе бидете Мои синови и ќерки, говори Господ Сèмоќниот.”