2 Коринќаните 5 MKB

1 Зашто, знаеме: ако се разурне нашиот земен дом, кој е како шатор, имаме од Бога зграда, вечен дом на небесата, што не го изградила човечка рака.

2 Па затоа и воздивнуваме и копнееме да се облечеме со своето небесно живеалиште;

3 само така облечени, нема да се најдеме голи.

4 Зашто, ние кои сме во овој шатор, воздивнуваме обременети; зашто не сакаме да се соблечеме, туку да се облечеме и над него, и така животот да го проголта она што е смртно.

5 А Бог нè приготви токму за ова, со тоа што ни Го даде Духот како залог.

6 Така, бидејќи секогаш сме полни со верба и знаеме дека сме во телото, ние сме во туѓина, далеку од Господа,

7 зашто, уште одиме во верата, а не со гледањето, -

8 полни сме со вера, и повеќе сакаме да го напуштиме телово и да живееме при Господа.

9 Затоа и се грижиме да Му угодиме Нему, било да сме дома или во туѓина,

10 зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, и секој да прими според она што направил во своето тело, било добро или зло.

11 И така, знаејќи го стравот пред Господа, ги уверуваме луѓето, а на Бога сме Му познати, и се надеваме дека сме им познати и на вашите совести.

12 Не ви се препорачуваме пак вам, туку ви даваме повод и вие да се фалите со нас, за да имате што да им одговорите на оние, кои се фалат со она што е надвор, но не во срцето.

13 Зашто, ако сме биле вон себе - тоа е заради Бога; ако сме со здрава памет, тоа е заради вас.

14 Зашто, Христовата љубов нè опфаќа,

15 кога дојдовме до заклучокот: еден умрел за сите, значи дека сите умреле. А Тој умре за сите, та живите да не живеат веќе сами за себеси, туку за Оној, Кој умре и воскресна за нив.

16 Затоа отсега и ние не познаваме никого по тело; иако Христа Го познаваме и по тело; сега веќе не Го познаваме така.

17 И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сè стана ново.

18 А сè ова е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христа и ни ја даде службата на измирувањето,

19 зашто Бог го измири светот со Себе во Христа, не засметувајќи им ги нивните престапи и вложувајќи го во нас словото на измирувањето.

20 Според тоа, ние сме пратеници на Христа - на тој начин што Бог моли преку нас. Молиме во името на Христа: помирете се со Бога!

21 Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13