1 Затоа, имајќи го ова служење по милоста, што ја придобивме, ние не се истоштуваме,
2 туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, но преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест пред Бога.
3 Ако пак е покриено нашето Евангелие, покриено е за оние, кои загинуваат;
4 за неверните, на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ги осветли светлината на Евангелието за славата на Христа, Кој е Божји лик.
5 Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христа Исуса како Господ; а себеси како за ваши слуги заради Исуса.
6 Зашто, Бог, Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа.
7 А ова благо го имаме во земни садови, та изврсноста на силата да биде од Бога, а не од нас.
8 Во неволја сме отсекаде, но не сме притеснети; во двоумење сме, но не губиме надеж;
9 нè гонат, но не сме оставени; нè соборуваат, но не сме погубени.
10 Каде и да одиме, секогаш го носиме Исусовото умирање во телото, па и животот Исусов да се покаже во нашето тело.
11 Зашто ние, живите, секогаш сме предавани на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се покаже во нашето смртно тело.
12 И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас.
13 А бидејќи го имаме истиот дух на верата, како што е напишано: „Поверував, затоа зборував,” и ние веруваме и затоа зборуваме,
14 знаејќи дека Оној, Кој Го воскресна Господа Исуса, ќе нè воскресне и нас со Исуса и заедно со вас ќе нè постави пред Себе.
15 Зашто сè е ова заради вас, та благодатта - што се зголемила со посредство на мнозина, да направи да биде изобилна благодарноста за Божјата слава.
16 Затоа не се истоштуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден.
17 Зашто, нашата сегашна лесна неволја ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава,
18 зашто ние не мислиме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се поминливи, а невидливите се вечни.