2 Коринќаните 8 MKB

1 Ве известувам, браќа, за Божјата благодат дадена на црквите во Македонија;

2 дека, иако во многу неволји, со кои беа искушувани, нивната преумножена радост и длабоката беда, покажаа преизобилно богатство на нивната дарежливост.

3 Зашто сведочам, дека според своите можности, а и преку нив, дадоа доброволно

4 и нè молеа многу да им ја укажеме милоста да можат да учествуваат во службата на светите.

5 И даваа не само како што се надевавме, туку и самите себе Му се предадоа прво на Господа, и тогаш нам, преку Божјата волја.

6 Затоа го замоливме Тит како што порано започна, така и да го заврши меѓу вас и ова дело на љубовта.

7 И како што изобилувате во сè, во верата, во словото, во знаењето, во секаква ревност и во љубовта кон нас, покажете го своето изобилство и во ова дело на љубовта.

8 Не го велам ова како заповед, туку ја испитувам искреноста на вашата љубов, преку ревноста на другите.

9 Зашто позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос, како заради вас од богат стана сиромашен, за да се обогатите вие преку Неговата сиромаштија.

10 Со ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои веќе од минатата година го почнавте не само со дело, туку и со својата волја.

11 А сега довршете го и тоа дело: како што бевте подготвени да сакате, така да бидете подготвени и да го довршите, според она што имате.

12 Зашто, ако има добра волја, таа е добро дошла според она што има, а не според она што нема.

13 Не сакам олеснувањето на другите да ви донесе неволја вам, туку да има рамноправност:

14 во сегашно време вашиот одвишок да ја покрие нивната скудност, и нивниот одвишок да послужи на вашата скудност, за да биде рамноправност,

15 според она што е напишано: „Кој собра многу, немаше одвишок, а кој собра малку, немаше недостиг.”

16 Но, Му благодарам на Бога, Кој истата грижа за вас му ја стави во срцето на Тит!

17 Зашто ја прифати нашата молба, но бидејќи многу ревносен, доброволно отиде при вас.

18 Со него го праќаме и братот пофалуван, за работење на Евангелието по сите цркви.

19 И не само тоа, туку црквите го избраа да патува со нас во ова дело на љубовта, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и да ја покажеме својата подготвеност.

20 Со тоа сакаме да избегнеме да не ни се префрли заради овој изобилен подарок што го донесуваме.

21 Зашто, ние се грижиме за она што е добро не само пред Господа, туку и пред луѓето.

22 А со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност ја испитавме повеќе пати во многу работи, а кој е уште поревносен сега, заради големата доверба во вас.

23 Што се однесува за Тит, тој е мој другар и соработник за вас. А што се однесува за нашите браќа, тие се пратеници на црквите и Христова слава.

24 И така, покажете им го пред црквите доказот на вашата љубов и на нашите пофалби за вас.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13