2 Коринќаните 9:1-7 MKB

1 А во однос на собирање помош за светите, излишно е да ви пишувам,

2 зашто ми е позната вашата усрдност, за која се фалам со вас пред Македонците, дека Ахаја, уште од лани, е приготвена и дека вашата ревност поттикнала мнозина.

3 Сепак ги испраќам браќата, за да не се покаже, во овој однос, празно нашето фалење со вас и за да бидете, како што реков, приготвени,

4 и ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не се засрамиме ние, да не речам вие.

5 И така, сметав за потребно да ги замолам браќата да отидат пред нас при вас, и да го приготват однапред вашиот отпорано најавен дар на благослов, така што да биде готов како благослов, а не како користољубие.

6 А ова го велам: кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее; кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее!

7 Секој нека даде како што одлучил во срцето, а не со жал и не од принуда, зашто Бог го љуби радосниот дарител.