1 Самоилова 10:20-26 MKB

20 Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе.

21 Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа.

22 Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?” А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.”

23 Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите.

24 Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.” И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!”

25 Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа.

26 Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата.