1 Самоилова 3 MKB

1 Младиот Самоил Му служеше на Господа под Илиево надгледување, во она време Господ ретко им зборуваше на луѓето, а виденијата не беа чести.

2 Но еден ден Илија лежеше во својата соба - неговите очи почнаа да слабеат, та веќе не можеше да гледа.

3 Божјиот светилник, уште не беше угаснат, и Самоил спиеше во Господовиот Храм, таму каде што беше Божјиот Ковчег.

4 И Господ го повика: „Самоиле! Самоиле!” А тој одговори: „Еве ме!”

5 И отрча кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” А Илија рече: „Јас не те повикав. Врати се и спиј!” И тој отиде и легна.

6 И Господ пак го повика: „Самоиле! Самоиле!” Самоил стана, отиде при Илија и му рече: „Еве ме! Ти ме повика!”А Илија одговори: „Јас не те повикав, сине! Врати се и спиј!”

7 Самоил уште не го познаваше Господа, и уште никогаш не му беше објавено Господовото слово.

8 И Господ го повика Самоила по трет пат. Тој стана, отиде кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” Сега Илија разбра дека Господ го повикувал детенцето.

9 Затоа му рече на Самоила: „Оди и легни; а ако те повика, ти речи: ‘Зборувај, Господи, твојот слуга слуша.’” И Самоил отиде и легна на своето место.

10 И Господ дојде и застана, и викна како порано: „Самоиле! Самоиле!” А Самоил одговори: „Зборувај Твојот слуга Те слуша.”

11 Тогаш Господ му рече на Самоила: „Еве ќе направам нешто во Израел така што ќе им брчат двете уши на секој што ќе чуе.

12 Во оној ден ќе исполнам врз Илија сè што реков за неговиот дом, од почеток до крај.

13 Ти ќе му јавиш дека ја осудувам неговата куќа довека; тој знаеше дека неговите синови го хулат Бога, а не ги воздржа.

14 Затоа му се колнам на Илиевиот дом никакви жртви ни приноси нема да ја исперат вината на Илиевиот дом довека.”

15 Самоил спиеше до утрото, а тогаш ја отвори вратата на Господовиот Дом. Самоил се боеше да му го каже видението на Илија.

16 Но Илија го повика Самоила, говорејќи: „Самоиле, сине!” А тој одговори: „Еве ме!”

17 И тој го праша: „Какво е словото што ти го рече? Не криј ништо од мене! Така да ти направи Бог и да ти додаде друго ако ми скриеш нешто од она што ти рекол.”

18 Самоил му раскажа сè, и ништо не притаи од него. А Илија рече: „Тој е Господ, нека прави како што Му е по волја!”

19 Самоил растеше, а Господ беше со него и не оставаше ниту едно негово слово да падне на земја.

20 Сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, созна дека Самоил е поставен за пророк Господов.

21 Господ и натаму се јавуваше во Сило, зашто му се откриваше на Самоила преку словото Господово. И Самоиловото слово се расчу низ сиот Израел.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31