1 Самоилова 7 MKB

1 Тогаш луѓето од Киријат Јарим дојдоа и го однесоа Господовиот Ковчег при себе. Го внесоа во Авинадавовата куќа, на ридот и го посветија неговиот син Елеазар да го чува Господовиот Ковчег.

2 Од денот кога Ковчегот беше поставен во Киријат Јарим помина многу време - дваесет години - и сиот Израелев дом воздивнуваше по Господа.

3 Тогаш Самоил му проговори на сиот Израелев дом вака: „Ако од сè срце Му се враќате на Господа, отстранете ги од својата средина туѓите богови, ваалите и астартите, и пригответе ги своите срца за Господа и служете Му единствено Нему. Тогаш Тој ќе ве избави од рацете на Филистејците.”

4 Тогаш Израелевите синови ги отстранија ваалите и астартите, и Му служеа единствено на Господа.

5 Тогаш Самоил заповеда: „Соберете ги сите Израелеви синови во Миспа, за да Му се помолам на Господа за вас.”

6 И така тие се собраа во Миспа; таму нацрпуваа вода и ја излеваа пред Господа. И постеа во оној ден и признаваа: „Му согрешивме на Господа!” И Самоил им судеше на Израелевите синови во Миспа.

7 Кога Филистејците чуја дека Израелевите синови се собраа во Миспа, филистејските кнезови тргнаа да нападнат на Израел. Кога го видоа тоа Израелевите синови, се исплашија од Филистејците.

8 И Израелевите синови го замолија Самоила: „Не прекратувај да викаш за нас кон Господа, кон нашиот Бог, за да нè избави од рацете на Филистејците.”

9 Самоил зеде едно јагне цицалче и Му го принесе на Господа како жртва паленица, и гласно Му се помоли на Господа за Израел, и Господ го послуша.

10 Додека Самоил принесуваше жртва паленица, Филистејците дојдоа за да удрат на Израел, ама во тој ден Господ загрме со силен грмеж на Филистејците и така ги испалши и ги збуни, та му подлегнаа на Израел.

11 Израелските војници излегоа од Миспа и ги спотераа Филистејците, поразувајќи ги сè до Вет Хар.

12 А Самоил зеде еден камен и го постави меѓу Миспа и Сена и го нарече Евен Езер (Камен на Помош), говорејќи: „Господ ни помогна дотука.”

13 Така Филистејците беа понижени, и никогаш веќе не се нафрлија на Израелевата земја, а Господовата рака ги притискаше Филистејците за време на сиот век на Самоила.

14 И градовите што Филистејците ги беа зазеле од Израел му беа вратени нему, од Акарон до Гат, и Израел го ослободи нивното подрачје од филистејски раце. И имаше мир меѓу Израелците и Аморејците.

15 Самоил беше судија во Израел за време на сиот свој век.

16 Секоја година ги обиколуваше Ветил, Галгал и Миспа, и во сите тие места му судеше на Израел.

17 Потоа се враќаше во Рама, зашто таму имаше своја куќа и таму му судеше на Израел. Таму му подигна и жртвеник на Господа.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31