1 Еднаш Самоил му рече на Саула: „Господ ме испрати мене за да те помажам за цар над Неговиот народ, Израел. И така послушај ги Господовите зборови.
2 Господ над Воинствата зборува вака: ‘Одлучив да се одмаздам за она што Амалик му направил на Израел, затворајќи му го патот кога излегуваше од Египет.
3 Сега оди и удри на Амалик, изврши проклето уништување, врз него и врз сè што има; не поштедувај го, погуби ги мажите и жените, децата и доилчињата, говедата и овците, камилите и ослиците!’”
4 Саул го свика народот да го преброи во Телаим: беа две стотини илјади пешаци (и десет илјади Јудејци).
5 Саул дојде до Амаличкиот град и постави заседа во долината на потокот.
6 Потоа Саул им порача на Кенејците: „Отидете и одвоете се од Амаликците за да не ве истребам заедно со нив, зашто им бевте наклонети на сите Израелци кога излегуваа од Египет.” И Кенејците се одвоија од Амаликците.
7 Саул ги порази Амаликците од Авила па сè до Сур, кој лежи пред Египет.
8 И го фати жив Агаг, амаличкиот цар, а сиот народ го сотре со острилото на мечот, извршувајќи клето уништување.
9 Но Саул и народот ги поштедија Агаг и најдобрите овци и најдобрите говеда, згоената стока и јагнињата, и сè што беше добро. Не сакаа да извршат клето уништување над сè тоа; туку над тоа што беше без цена и вредност од добитокот, врз тоа извршија проклето уништување.
10 Затоа му дојде Господовото слово на Самоила вака:
11 ”Се кајам што го поставив Саула за цар: се сврти од Мене и не ги исполни Моите заповеди.” Самоил се нажали, и цела ноќ извикнуваше кон Господа.
12 Рано наутро Самоил тргна за да го побара Саула. И му јавија на Самоила вака: „Саул отиде во Кармил, и ете, си подигна таму споменик; потоа отиде натаму и слезе во Галгал.”
13 Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.”
14 Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?”
15 А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сè друго истребивме!”
16 А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.” А тој рече: „Зборувај”.
17 Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел.
18 Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’
19 Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?”
20 Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците.
21 Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.”
22 А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни;
23 непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!”
24 Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање.
25 А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.”
26 Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.”
27 Кога Самоил се сврте за да си отиде, Саул го фати цврсто скутот на неговата наметка, но скутот се отцепи.
28 Тогаш Самоил му рече: „Денес Господ ти го отцепи царството над Израел и му го даде на твојот сосед, кој е подобар од тебе.”
29 Сепак Силниот Израелев Светец не лаже и не се кае, зашто не е човек за да се кае.
30 Саул рече: „Согрешив; но сега направи ми чест пред старешините на мојот народ и пред Израел и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, на твојот Бог.”
31 И Самоил се врати со Саула, и Саул му се поклони на Господа.
32 Потоа Самоил заповеда: „Доведете го при мене Агаг, амаличкиот цар!” И Агаг дојде при него весело и рече: „Навистина, горчината на смртта одминала!”
33 Самоил му одговори: „Како што твојот меч им ги одзеде децата на многу жени, така твојата мајка ќе остане меѓу жените без дете!” И Самоил го сосече Агага пред Господа во Галгал.
34 Потоа Самоил отиде во Рама, а Саул се врати во својот дом, во Сауловата Гаваја.
35 И Самоил не го виде веќе Саула до својот смртен ден. Самоил тажеше заради Саула, ама Господ воздивна што го постави Саула за цар над Израел.