1 Самоилова 27 MKB

1 Давид си рече во себеси: „Сепак ќе загинам еден ден од Сауловата рака. Затоа нема ништо подобро за мене туку да се спасам во земјата на Филистејците. Тогаш Саул ќе прекрати да ме бара натаму по сите израелеви краеви, и ќе се избавам од неговата рака.”

2 И така Давид се крена и помина, со шест стотини луѓе што ги имаше, кај Ахис, синот Маохов, цар на Гат.

3 Давид се настани кај Ахис во Гат, тој и неговите луѓе, секој со своето семејство, а Давид со своите две жени, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил.

4 Кога Саул научи дека Давид избега во Гат, веќе не го гонеше.

5 Давид му рече на Ахиса: „Ако најдов милост во твоите очи, нека ми дадат место во еден град во земјата, за да се населам во него. Зошто твојот слуга да живее кај тебе во царскиот град?”

6 Во истиот ден Ахис му го даде Сиклаг. Затоа Сиклаг им припаѓа до денешен ден на царевите на Јуда.

7 И Давид остана во Филистејската Земја една година и четири месеци.

8 Давид со своите луѓе излегуваше да ги ограбува Гесурците, Герзејците и Амаликците, зашто тоа беа древни жители на земјата од Телам преку Сур сè до Египетската Земја.

9 Давид ја запустуваше земјата не оставајќи во живот ни маж ни жена, ограбуваше овци и говеда, ослици, камили и облеки, и се враќаше да му го донесе сè тоа на Ахиса.

10 Ахис го прашуваше: „Каде ограбувавте денес?” А Давид одговараше дека ограбувале во Јудиниот Негев или во Ерамеилскиот Негев или во Кенејскиот Негев.

11 Давид не оставаше во живот ни маж ни жена за да ги доведе во Гат, зашто мислеше: „Би можеле да нè обвинат и речат: ‘Давид правеше така.’” Имаше таков обичај за сето време додека престојуваше во Филистејската Земја.

12 Ахис му веруваше на Давида и велеше во себе: „Толку се замразил со својот народ Израел! Затоа ќе ми биде слуга довека!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31