1 Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим.
2 А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците.
3 Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив.
4 Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа.
5 На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли.
6 На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит.
7 Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец.
8 Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене!
9 Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.”
10 Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!”
11 Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет.
12 Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините.
13 Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама.
14 Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула.
15 Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем.
16 А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни.
17 А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот.
18 А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот!
19 Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.”
20 Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик.
21 Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други.
22 Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето.
23 Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу.
24 А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати.
25 Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.”
26 Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?”
27 А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.”
28 А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!”
29 А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?”
30 Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат.
31 Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе.
32 Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.”
33 Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.”
34 Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото,
35 јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев.
36 Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.”
37 Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите кани и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.” Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!”
38 Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп.
39 Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе.
40 Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот.
41 А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него.
42 А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице.
43 Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови.
44 Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!”
45 А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика.
46 Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел.
47 И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.”
48 Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот.
49 Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата.
50 Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката.
51 Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство.
52 Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон.
53 Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор.
54 А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор.
55 Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?” А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!”
56 А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!”
57 А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката.
58 Саул го праша: „Чиј син си ти момче?” А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.”