1 Самоилова 16 MKB

1 Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.”

2 А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!” Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’

3 и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.”

4 Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?”

5 Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!” Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва.

6 Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!”

7 Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.”

8 Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.”

9 Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.”

10 Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.”

11 Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?” А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.” Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.”

12 Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!”

13 Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама.

14 Господовиот Дух беше отстапил од Саула, а еден зол дух, од Господа, почна да го вознемирува.

15 Тогаш на Саула му рекоа неговите слуги: „Еве Божји зол дух те вознемирува.

16 Затоа нашиот господар нека заповеда, па твоите слуги ќе побараат човек, кој знае да свири со лира: кога ќе те нападне Божјиот зол дух, оној нека свири во лирата, па ќе ти биде подобро.”

17 Саул им рече на своите слуги: „Најдете ми човек, кој умее да свири вешто со лира и доведете го кај мене!”

18 Еден од неговите слуги одговори: „Јас видов еден син на Витлеемецот Јесеј: тој умее да свири со лира, храбар човек е, и човек воин, вешт говорник е, со убава става, и Господ е со него.”

19 Тогаш Саул му испрати гласници на Јесеј и му порача: „Испрати ми го својот син Давид кој е кај стадото!”

20 А Јесеј зеде пет лебови, мев со вино и му ги испрати на Саула по својот син Давид.

21 И Саул го возљуби многу, и Давид стана негов штитоносец.

22 Потоа Саул испрати кај Јесеја и му порача: „Давид нека остане кај мене во служба, зашто ја придоби мојата наклонетост.”

23 И кога Божјиот зол дух ќе го нападнеше Саула, Давид ја земаше лирата и свиреше; тогаш му олеснуваше на Саула, и му стануваше подобро, а лошиот дух заминуваше од него.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31