1 Самоилова 13:17-23 MKB

17 Тогаш од филистејскиот логор излезе чета пљачкаши во три одделенија: едното одделение удри кон Офра во Совалската Земја;

18 второто одделение тргна кон Вет Орон, а третото одделение удри кон Гаваја што се крева покрај Севоим (Долината на Хиените) кон пустината.

19 А по сета Израелева земја немаше ковачи, зашто Филистејците рекоа: „Треба да се стори сè за да не си прават Евреите мечеви и копја.”

20 Затоа сите Израелци одеа кај Филистејците ако некој сакаше да го прекове своето рало или мотиката, својата секира или остенот за воловите.

21 Или ако им се скршеа врвовите на паличниците, мотиките, вилите, или секирите, или ако беше потребно да поправат кол.

22 Така се случи на денот на битката кај Михмас никој од сиот народ, што беше со Саула и со Јонатана, немаше ни меч ни копје во раката; само Саул и неговиот син Јонатан ги имаа.

23 А тогаш една филистејска стража беше излегла кон преминот кај Михмас.