1 Самоилова 13:4-10 MKB

4 и сиот Израел ја дозна новоста: „Саул го сурна филистејскиот столб, Израел му стана замразен на Филистејците!” И народот почна да се собира околу Саула во Галгал.

5 А Филистејците се собраа за да војуваат против Израел: три илјади бојни коли, шест илјади коњаници, а мноштво народ како песок на морскиот брег. И се влогорија кај Михмас, источно од Вет Авен.

6 Кога Израелците видоа дека се во неволја и дека народот е притиснат од непријателот, се скрија во пештерите, во јамите, во камењиштата, во рововите и во водособиралиштата.

7 Некои поминаа и преку бродовите на Јордан во земјата Гадова и Галадова. Саул уште беше во Галгал, а сиот народ околу него трепереше од страв.

8 Тој почека седум дена како што му одреди Самоил; но бидејќи Самоил не дојде во Галгал, народот почна да се разојдува од Саула.

9 Тогаш Саул рече: „Донесете ми жртва паленица и помирителни жртви!” И ја принесе жртвата паленица.

10 И токму ја завршуваше жртвата паленица, кога ете го Самоила, и Саул му излезе во пресрет за да го поздрави.