1 Самоилова 17:12-18 MKB

12 Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините.

13 Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама.

14 Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула.

15 Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем.

16 А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни.

17 А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот.

18 А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот!