1 Самоилова 17:24-30 MKB

24 А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати.

25 Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.”

26 Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?”

27 А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.”

28 А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!”

29 А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?”

30 Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат.