1 Самоилова 17:38-44 MKB

38 Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп.

39 Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе.

40 Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот.

41 А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него.

42 А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице.

43 Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови.

44 Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!”