1 Самоилова 17:45-51 MKB

45 А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика.

46 Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел.

47 И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.”

48 Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот.

49 Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата.

50 Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката.

51 Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство.