1 Самоилова 17:52-58 MKB

52 Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон.

53 Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор.

54 А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор.

55 Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?” А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!”

56 А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!”

57 А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката.

58 Саул го праша: „Чиј син си ти момче?” А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.”