6 При нивното враќање, кога Давид се враќаше откако го уби Филистеецот, жените од сите Израелеви градови му излегоа во пресрет на царот Саул воскликнувајќи весело, пеејќи и играјќи при звуци на тапани и гуслиња.
7 Жените пееја играјќи: „Саул погуби илјади, Давид десетици илјади.”
8 Саул се расрди многу, не му беше мила таа песна. Затоа рече: „На Давида му дадоа десетици илјади, а мене само илјада! Уште му треба само царството!”
9 И од тој ден Саул го гледаше Давида со омраза.
10 Утреден зол Божји дух го нападна Саула, така што беснееше по куќата. Давид удираше со раката по лирата како во другите денови, а Саул имаше копје во раката.
11 И Саул го фрли копјето велејќи во себе: „Сега ќе го заковам Давида за ѕидот!” Но Давид му избега двапати.
12 Саул почна да се бои од Давида, зашто Господ беше со него, а отстапи од Саула.