1 Самоилова 20:30-36 MKB

30 Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти!

31 Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.”

32 А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?”

33 Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида.

34 Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди.

35 Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок.

36 И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.” И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него.