4 И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сè додека Давид беше во скривалиштето.
5 Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.” И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора.
6 Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани.
7 И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници?
8 А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?”
9 Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син.
10 Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.”