1 Самоилова 23:12-18 MKB

12 Давид праша пак: „Дали првенците на Кеила ќе ме предадат, мене и моите луѓе, во Сауловите раце?” А Господ одговори: „Ќе ве предадат!”

13 Тогаш Давид стана со своите луѓе, беа околу шест стотини; излегоа од Кеила и скитаа каде што можеа. А кога му јавија на Саула дека Давид избега од Кеила, се откажа од воениот поход.

14 Давид се засолна во пустината во горните засолништа; се настани на гората во пустината Зиф. Саул го бараше непрекратно, ама Бог не го предаде во неговите раце.

15 Давид се плашеше дека Саул излезе на војна за да нападне на неговиот живот. Затоа Давид остана во пустината Зиф во гората.

16 Тогаш Сауловиот син Јонатан тргна на пат и дојде кај Давида во Дубравата, и го охрабри во Божјо име.

17 Му рече: „Не бој се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор до тебе; и мојот татко Саул го знае тоа добро.”

18 И тие двајца склучија сојуз пред Господа. Давид остана во гората, а Јонатан си отиде во својот дом.