1 Самоилова 23:2-8 MKB

2 Тогаш Давид го праша Господа: „Дали треба да одам против Филистејците и дали ќе ги поразам?” А Господ му одговори на Давида: „Оди, ќе ги поразиш Филистејците и ќе ја ослободиш Кеила.”

3 Но неговите луѓе му рекоа на Давида: „Ете, ние сме веќе тука, во Јуда, во непрекратен страв; а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети!”

4 Затоа Давид Го праша Господа уште еднаш; а Господ му одговори вака: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!”

5 Тогаш Давид тргна со своите луѓе во Кеила, удри на Филистејците, го отера нивниот добиток и им зададе тежок пораз. Така Давид ги ослободи граѓаните на Кеила.

6 И кога Авијатар, синот Ахимелехов, пребега кај Давида, тој дојде во Кеила, носејќи наплеќник во раката.

7 Кога му јавија на Саула дека Давид влезе во Кеила, Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто го фатив во стапица кога влезе во град со порти и лостови.”

8 И Саул го свика сиот народ на оружје за да оди против Кеила и да ги опколи Давида и неговите луѓе.