1 Самоилова 24:7-13 MKB

7 И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат.

8 Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!” А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони.

9 Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст?

10 Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’

11 О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш!

12 Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе.

13 Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе.