1 Самоилова 25:37-43 MKB

37 А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сè што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил.

38 А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре.

39 Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!” Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена.

40 Давидовите слуги дојдоа при Авигеја во Кармил и и рекоа: „Давид нè испрати кај тебе за да те земе за жена.”

41 А таа стана, се поклони до земјата и рече: „Еве ја твојата слугинка која е спремна да биде робинка и да ги мие нозете на слугите на својот господар!”

42 Потоа Авигеја стана и бргу го зајава ослето, а по неа тргнаа нејзините пет слугинки. Така отиде по Давидовите посланици и стана негова жена.

43 Давид се беше оженил и со Ахиноама од Езраел, и двете му беа жени.