1 Самоилова 26:13-19 MKB

13 Давид помина на другата страна и застана на врвот на гората на некоја далечина, така што меѓу нив беше големо пространство.

14 Тогаш им викна на војската и на Авенир, синот Ниров, вака: „Зар не ќе се одѕвиеш Авенире?” А Авенир се одѕва и праша: „Кој си ти што го вознемируваш царот?”

15 А Давид му одговори на Авенира: „Не си ли ти јунак? И кој ти е рамен во Израел? Па зошто тогаш не го чуваше царот, својот господар? Еден од воините слезе до вас за да го убие царот, твојот господар.

16 Не е убаво тоа што го направи. Така ми живиот Господ, заслуживте смрт што не го чувавте својот господар, Господовиот помазаник. Погледај сега каде е царевото копје и каде е садот за вода што му беше до возглавјето!”

17 Тогаш Саул го позна Давидовиот глас и праша: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” А Давид одговори: „Да, цару господару!”

18 И продолжи: „Зошто мојот господар го гони својот слуга? Што сум сторил? Каква вина е во мојата рака?

19 Затоа сега мојот господар и цар нека удостои да ги сослуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те крева против мене, нека биде ублажено со приносница; ако тоа го прават човечките синови, нека бидат проклети пред Господа, зашто ме истераа, така што не можам да имам дел во Господовото наследство, како да ми зборуваа: ‘Оди, служи им на туѓите богови!’