1 Самоилова 26:17-23 MKB

17 Тогаш Саул го позна Давидовиот глас и праша: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” А Давид одговори: „Да, цару господару!”

18 И продолжи: „Зошто мојот господар го гони својот слуга? Што сум сторил? Каква вина е во мојата рака?

19 Затоа сега мојот господар и цар нека удостои да ги сослуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те крева против мене, нека биде ублажено со приносница; ако тоа го прават човечките синови, нека бидат проклети пред Господа, зашто ме истераа, така што не можам да имам дел во Господовото наследство, како да ми зборуваа: ‘Оди, служи им на туѓите богови!’

20 Затоа мојата крв нека не падне на земјата далеку од Господовото лице. Зашто Израелевиот цар излезе во лов на мојот живот, како кога некој гони еребица по планината.”

21 Тогаш Саул рече: „Згрешив! Врати ми се, сине Давиде, не ќе ти правам веќе зло, кога мојот живот денес беше толку мил во твоите очи. Да, работев безумно и тешко згрешив!”

22 А Давид одговори: „Еве го царевото копје, нека дојде еден од момците и нека го земе!

23 А Господ ќе му врати секому според неговата правда и според неговата верност: Денес Господ те предаде во мои раце, ама не сакав да кренам рака на Господовиот помазаник.