1 Самоилова 30:13-19 MKB

13 Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?” А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни.

14 Бевме навлегле во Херетскиот Негев и во Јудејскиот Негев, и во Халевовиот Негев, а Сиклаг го запаливме со оган.”

15 Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?” А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!”

16 И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја.

17 И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа.

18 Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид.

19 И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè.