1 Самоилова 30:16-22 MKB

16 И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја.

17 И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа.

18 Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид.

19 И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè.

20 Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!”

21 Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија.

22 Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!”