7 Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!” И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот.
8 Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?” А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.”
9 И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор.
10 Оттука Давид со четири стотини луѓе ја продолжи потерата, а останаа две стотини луѓе, кои беа толку уморни што не можеа да поминат преку потокот Восор.
11 Во полето најдоа еден Египетец. Го доведоа кај Давида, му дадоа леб да јаде и вода да пие.
12 Му дадоа дел од низаниците смокви и два грозда суво грозје. Кога го изеде тоа, се закрепна, зашто три дни и три ноќи немаше јадено леб и немаше пиено вода.
13 Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?” А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни.