1 Самоилова 4:2-8 MKB

2 Филистејците се построија во боен ред против Израел, и настана жестока битка. Израел им подлегна на Филистејците: околу четири илјади луѓе загинаа на боиштето, на отворено поле.

3 Кога народот се врати во логорот, Израелевите старешини рекоа: „Зошто Господ дозволи денес да нè победат Филистејците? Да појдеме во Сило по Ковчегот на Господовиот Завет, нека дојде во наша средина и нека нè спаси од рацете на нашите непријатели.”

4 Народот испрати луѓе во Сило, и го донесоа оттаму Ковчегот на Заветот на Господа, на силите, кој престолува над херувимите; двата Илиеви сина, Офниј и Финес, дојдоа како придружници на Ковчегот.

5 Кога Господовиот Ковчег стигна во логорот, сиот Израел грмливо воскликна, од кое одекнуваше земјата.

6 Филистејците го чуја тоа грмливо воскликнување и прашаа: „Што значи тоа грмливо воскликнување во логорот на Евреите?” И сфатија дека Господовиот Ковчег стигна во нивниот логор.

7 Тогаш Филистејците ги обзеде страв, зашто зборуваа: „Бог дојде во логорот!” И извикаа: „Тешко нам! Така не беше досега.

8 Тешко нам! Кој ќе нè избави од рацете на Тој силен Бог? Тоа е Оној, Кој го удрил Египет со секакви неволји во пустината.