11 Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви.
12 Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес.
13 Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост.
14 Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа.
15 Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сè беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа.
16 Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден.
17 А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон.