Амос 3:9-15 MKB

9 „Разгласете го ова по асирските дворци и по дворците во Египетската Земја; речете: „Соберете се на планините на Самарија, погледајте го големиот неред во неа и угнетувањето сред неа.

10 Зашто не знаат да прават право,’ говори Господ. ‘Во дворците натрупуваат насилство и угнетување.’”

11 Затоа Господ Бог зборува вака: „Непријателот ќе ја опколи земјата, ќе ги разурне твоите тврдини, ќе ги ограби твоите дворци.”

12 Господ зборува вака: „Како кога пастирот ќе истрга две листни коски или делче од уво од лавската уста, така ќе се истргаат Израелевите синови кои седат во Самарија на работ на постелата и на леглата.”

13 Чујте и посведочете против Јакововиот дом - говори Господ Бог, Бог над Воинствата:

14 „Во оној ден кога ќе го казнам Израел за злосторите ќе ги казнам и ветилските жртвеници; роговите на жртвеникот ќе се скршат и ќе паднат на земјата.

15 Ќе ги разурнам зимската куќа и летната куќа, ќе пропаднат куќите од слонова коска. Многу куќи ќе исчезнат!” говори Господ.