1 Чујте го ова слово васански крави, што престојувате во Самариската Гора, ги угнетувате немоќните, ги измачувате бедните, им зборувате на мажите: „Донеси да пиеме!”
2 Господ Бог се заколна во Својата светост: „Ете, ви доаѓаат денови кога ќе ве извлекуваат со куки, а последната од вас со јадици.
3 Ќе излегувате низ проломи, не обѕрнувајќи се никаде, и ќе бидете фрлени кон Ермон,” говори Господ.
4 „Отидете само во Ветил и грешете, во Галгал и множете ги своите гревови! Принесувајте жртви секое утро, и десетини секој трет ден.
5 Палете го тестото стасано за жртва благодарница, прогласете доброволни жртви, разгласете ги, зашто тоа го сакате, Израелеви синови,” говори Господ Бог.