1 По Сауловата смрт Давид се врати дома откако ги победи Амаликците. Два дена помина во Сиклаг.
2 На третиот ден дојде некој човек од Сауловиот логор, со скинати облеки и со глава посипана со прав. Откако дојде кон Давида се фрли на земја и му се поклони.
3 Давид го праша: „Од каде доаѓаш?” А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор.”
4 А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!” Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.”
5 Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?”
6 А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа.
7 Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’
8 И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’
9 Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’
10 Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.”
11 Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него.
12 И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч.
13 Потоа Давид го праша младиот гласник: „Од каде си ти?” А тој одговори: „Јас сум син на еден придојденик, Амаликец.”
14 Тогаш Давид му рече: „Како не се боеше да дигнеш рака за да го убиеш Господовиот помазаник?”
15 И Давид повика едно од момчињата и му заповеда: „Дојди тука и погуби го!” Момчето го удри, и тој умре.
16 А Давид уште му викна: „Твојата крв врз твојата глава! Твојата уста сведочеше против тебе кога рече: ‘Јас го убив Господовиот помазаник.’”
17 Тогаш Давид ја запеа оваа тажачка за Саула и за неговиот син Јонатан.
18 Запишана е во Праведниковиот книжен свиток, за да ја учат Јудините синови. Давид рече:
19 ”О, како ти падна славата, Израелу, изгинаа јунаци на твојата височина!
20 Не раскажувајте вие за поразот во Гат, не разгласувајте по аскалонските улици, за да не воскликнуваат младите филистејски ќерки.
21 О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа врз вас, ниту дожд од небото да ве мие! Вашите полиња да не враќаат род за семе, зашто кај вас е исфрлен штитот на силните! Сауловиот штит не беше помазан со масло
22 туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите! Јонатановиот лак никогаш не промашил, Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен!
23 Саул и Јонатан, љубезни, сложни ни живи не се разделија, ниту во смртта! Беа побрзи од орлите, со снага посилни од лавовите!
24 Ќерки Израелки, сега плачете по Саула, зашто ве облекуваше во убаво црвено! Покрај тоа тој ви прицврстуваше златен накит на облеката.
25 Како загинаа јунаците сред бојот, Јонатан загина на твоите височини!
26 Жал ми е за тебе, брате, Јонатану! Колку многу ти ми беше мил! Твојата љубов ми беше уште почудесна од женската.
27 Ох, како загинаа јунаците, и како е скршено бојното оружје!”