2 Самоилова 20 MKB

1 Таму случајно се најде опак човек, по име Сева, син Вихриев, Венијаминец. Тој затруби во рогот и извика: „Ние немаме дел со Давида, ни наследство со Јесеевиот син! Секој во својот шатор, Израелу!”

2 Така сите Израелци го оставија Давида и тргнаа по Вихриевиот син Сева; е Јудејците му останаа приврзани на својот цар и го отпратија од Јордан до Ерусалим.

3 Кога Давид се врати во својот дворец во Ерусалим, ги зеде десетте соложници, кои ги беше оставил да го чуваат дворецот, и ги стави да бидат чувани. Се грижеше за нивното издржување, ама веќе не одеше кај нив. Така тие живееја затворени до својата смрт, како вдовици на жив маж.

4 Потоа царот му заповеда на Амаса: „Свикај ми ги Јудејците во три дни, а и ти да бидеш тука!”

5 Амаса отиде да ги свика Јудејците, но се задржа преку времето што му го беше одредил царот.

6 Тогаш Давид му рече на Ависај: „Сега Вихриевиот син Сева ќе ни биде поопасен отколку Авесалом. Затоа земи ги луѓето на својот господар и тргни во потера по него, за да не стигне до утврдените градови и за да не ни избега од очите!”

7 По Ависаја тргнаа на пат Јоав, Херетејците, Фелетејците, Пелеќанците и сите јунаци; тие излегоа од Ерусалим во потера по Вихриевиот син Сева.

8 Кога беа кај големиот камен што е кај Гаваон, Амаса дојде спроти нив. Јоав имаше на себе воена облека, а преку неа имаше припашан меч покрај бедрото, во ножница; ама мечот му се лизна и падна.

9 Јоав го поздрави Амаса: „Дали си ми добар, брате?” И со десната рака го фати Амаса за брадата за да го пољуби.

10 Амаса не обрнуваше внимание на мечот што беше во раката на Јоава, и тој го удри со него во желудникот и му ја истури утробата на земја. Не требаше да го повтори ударот и Амаса умре. Јоав со својот брат Ависај ја продолжи потерата по Вихриевиот сен Сева.

11 Едно од Јоавовите момчиња остана на стража кај Амаса, и тука викаше: „Кому му е мил Јоав и кој е за Давид, нека го следи Јоава!”

12 А Амаса лежеше во крв сред патот. Откако виде оној човек дека сиот народ застанува, го одвлече Амаса од патот во полето и фрли преку него наметало, зашто виде дека подзапира секој кој ќе наидеше близу до него.

13 Кога Амаса беше отстранет од патот, сите луѓе тргнаа по Јоава, за да го гонат Вихриовиот син Сева.

14 Сева помина низ сите израелски племиња сè до Авел Вет Маак, и сите Виранци со него. Тие се собраа и тргнаа по него.

15 Јоав дојде и го опсадија Авел Вет Маак. Нареди да се изгради насип околу градот. Сета војска што беше со Јоава се нафрли да го поткопува ѕидот за да го разурне.

16 Тогаш една мудра жена се искачи на ѕидот и повика од градот: „Чујте! Чујте! Речете му на Јоава: ‘Дојди ваму, да разговарам со тебе!’”

17 Кога дојде, жената праша: „Ти ли си Јоав?” Тој одговори: „Јас сум.” А таа рече: „Послушај ги зборовите на својата слугинка!” Тој одговори: „Слушам.”

18 Жената продолжи: „Некогаш се зборуваше вака: ‘Треба да се праша во Авел

19 дали е свршено со она што утврдија верниците и мирните во Израел.’ Ти сакаш да уништиш еден град, и тоа еден од матичните градови во Израел. Зошто го сотираш Господовото наследство?”

20 Јоав одговори вака: „Далеку, далеку е тоа од мене! Не сакам ни да сотрувам ни да разурнувам.

21 Не се работи за тоа, туку еден човек од Ефремовата Гора, по име Сева, син Вихриев, ја подигна раката на царот, на Давида. Предајте го само него, па ќе си одам од градот!” Жената му одговори на Јоава: „Добро. Веднаш ќе ти ја фрлат неговата глава преку ѕидот!”

22 Жената се врати во градот и му проговори на сиот народ како што и зборуваше нејзината мудрост. И му ја отсекоа главата на Вихриевиот син Сева и му ја фрлија на Јоава. А тој заповеда да затрубат во рог, та се разотидоа од градот, секој во својот крај. А Јоав се врати кај царот во Ерусалим.

23 Јоав беше заповедник на сета војска. Јодаевиот син Венај беше заповедник на Хетејците и Фелетејците.

24 Адорам беше надгледувач над работите. Ахилудовиот син Јосафат беше летописец.

25 Сеја беше државен писар. Садок и Авијатар беа свештеници.

26 Покрај тоа Јаиранецот Ира беше Давидов заменик.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24