1 Тогаш Ахитофел му рече на Авесалома: „Дозволи да изберам дванаесет илјади луѓе па да се дигнам во потера по Давида уште ноќеска.
2 Ќе нападнам врз него кога ќе биде заморен и без сила; ќе го плашам, и ќе се разбега сиот народ што е со него. Тогаш ќе го убијам самиот цар.
3 А сиот народ ќе го доведам назад кај тебе, ти му работиш спроти глава само на еден човек, што значи враќање на сите, и а сиот народ тогаш ќе биде мирен.”
4 Тоа им се допадна на Авесалома и на сите Израелеви старешини.
5 Ама Авесалом рече: „Да го повикаме уште Архиецот Хусај, да чуеме што ќе ни каже тој!”
6 Кога Хусај дојде кај Авесалома, му рече Авесалом: „Ахитофел советуваше вака. Дали да направиме како што предложи тој? Ако не, зборувај ти!”
7 А Хусај му одговори на Авесалома: „Овој пат Ахитофеловиот совет не е добар.”
8 И Хусај продолжи: „Ти знаеш дека твојот татко и неговите луѓе се јунаци и дека се лути како мечка на која и ги одзеле нејзините мечиња. Твојот татко е воин, тој нема да дозволи народот да почива во ноќта.
9 Тој се крие сега во некаква јама или на некакво друго место. Па ако веднаш во почетокот падне некој од нашите, ќе се рашири глас за пораз на војската што му се придружила на Авесалома.
10 Тогаш и најхрабриот, во кого е срцето како во лав, ќе ја изгуби смелоста. Зашто сиот Израел знае дека твојот татко е јунак и дека се храбри оние кои што го следат.
11 Затоа јас го советувам ова: сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, нека се собере околу тебе, за да биде како песок на морскиот брег, а ти самиот да чекориш во нивната средина.
12 Тогаш ќе нападнеме на него каде и да се наоѓа, ќе се нафрлиме врз него како што росата паѓа на земјата, и не ќе ги оставиме живи ни него ниту еден од неговите луѓе.
13 Ако се повлече во некој град, сиот израелски народ ќе донесе јажиња под оној град па ќе го влечкаме до потокот, сè додека веќе ни камен не ќе остане таму.”
14 Тогаш Авесалом и сите Израелци рекоа: „Подобар е советот на Архиецот Хусај отколку советот на Ахитофела.” Зашто Господ беше одлучил да се осуети Ахитофеловата основа, како би навлекол несреќа врз Авесалома.
15 Потоа Хусај им јави на свештениците Садок и Авијатар: „Ахитофел ги посоветува така и така Авесалома и израелските старешини, а јас советував така и така.
16 Затоа сега јавете му брзо на Давида и порачајте му: ‘Ноќеска немој да ноќеваш во рамниците на пустината, туку премини брзо на друга страна, за да не бидат уништени царот и сета војска што е со него.’”
17 Јонатан и Ахимас се задржуваа кај Рогилскиот Извор; една слугинка доаѓаше и им донесуваше вести, а тие одеа да му го јават тоа на царот Давид, зашто не смееја да се откријат влегувајќи во градот.
18 Ама ги забележа некој момок та му јави на Авесалома. Тогаш двајцата отидоа итно и дојдоа во куќата на некој човек во Ваурим. Во неговиот двор имаше кладенец, и тие се спуштија во него.
19 А жената зеде и распростре покривач преку отворот на кладенецот, и потури врз него истолчени зрна, така што не можеше ништо да се забележи.
20 Авесаломовите слуги дојдоа кај таа жена во куќата и ја прашаа: „Каде се Ахимас и Јонатан?” А жената им одговори: „Отидоа натаму кон водата.” Потоа ги бараа уште, ама не ги најдоа па се вратија во Ерусалим.
21 А кога тие си отидоа, оние двајца излегоа од кладенецот и отидоа да му ја однесат веста на царот Давид. И му рекоа: „Станете и поминете побргу преку водата, зашто Ахитофел советуваше така и така против вас.”
22 Тогаш Давид, и сиот народ што беше со него, се дигна и помина преку Јордан; во зората немаше веќе никој што не поминал преку Јордан.
23 Кога Ахитофел виде дека не се исполни неговиот совет, го насамари своето осле, тргна на пат и си отиде во својата куќа во својот град. Таму се погрижи за својата куќа, потоа се обеси и умре. Го погребаа во гробот на неговиот татко.
24 Давид веќе беше дошол во Маханаим кога Авесалом помина преку Јордан со сите Израелци, кои беа со него.
25 Авесалом го имаше поставено Амаса за заповедник над војската наместо Јоав. А Амаса му беше син на некој човек по име Итра, Исмаилец, кој влезе при Авигеја, ќерката Насова и сестрата Серуина, Јоавовата мајка.
26 Израел и Авесалом поставија логор во Галадската Земја.
27 Кога Давид дојде во Маханаим, тогаш Совиј, синот Насов од Амонската Рава, па Махир, синот Амилов од Ло Девар, и Варзелај, Галадец од Рогелим,
28 донесоа постели, покривки, чаши и земјени садови, покрај тоа пченица, јачмен, брашно, пржено жито, боб, леќа,
29 мед, кисело млеко и кравјо и овчо сирење, и ги понудија Давида и народот што беше со него да јадат. Зашто мислеа: „Луѓето трпеа во пустината глад, замор и жед.”