1 Војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа траеше уште долго време, но Давид сè повеќе јакнеше, а Сауловиот дом стануваше сè послаб.
2 На Давида му се родија синови во Хеврон. Првенец му беше Амнон, од Езраелката Ахиноама;
3 вториот му беше Хилеав, од Авигеја, Наваловата жена, од Кармил; третиот Авесалом, син на Маха, ќерка на гесурскиот цар Талмај;
4 четвртиот Адониј, син Агитин; петтиот Сефатиј, син Авиталин;
5 шестиот Итрам, од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон.
6 Додека траеше војната меѓу Сауловата куќа и Давидовата куќа, Авенир ја присвојуваше, малку по малку, сета власт во Сауловата куќа.
7 А во куќата беше Сауловата соложница по име Ресфа, ќерка Аина: неа ја зеде Авенир кај себе. А Исвостеј го праша Авенира: „Зошто и се доближи на соналожницата на мојот татко?”
8 На тие Исвостееви зборови Авенир се разгневи и рече: „Зар сум јас кучешка глава во Јуда? До денес им правев само добро на домот на твојот татко Саул, на неговите браќа и на неговите пријатели; не дозволив да паднеш во Давидовите раце, а ти ме прекоруваш денес заради обична жена!
9 Нека Бог му го направи на Авенира ова зло и нека му додаде друго ако не направам како што Господ му се заколна на Давида:
10 дека ќе и го одземе царството на Сауловата куќа и дека ќе го зацврсти Давидовиот престол над Израел и над Јуда од Дан до Вирсавеа!”
11 Исвостеј не се осмели да му одговори ни збор на Авенира, зашто се плашеше од него.
12 Тогаш Авенир му испрати гласници на Давида и му порача: „Чија е земјата?” Сакаше да рече: „Склучи сојуз со мене, и мојата рака ќе ти помогне да го собереш околу себе сиот Израел.”
13 Давид му одговори на Авенира: „Добро! Ќе склучам сојуз со тебе! Ама барам само едно од тебе: не смееш да ми излезеш пред очи, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да го видиш моето лице.”
14 Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.”
15 Исвостеј испрати по неа и ја зеде од нејзиниот маж Фалтил, синот Лаисов.
16 А нејзиниот маж тргна со неа, и ја придружуваше плачејќи сè до Ваурим. Тогаш Авенир му рече: „Ајде, врати се сега дома!” И тој се врати.
17 Авенир веќе беше разговарал со Израелевите старешини и им рече: „Веќе одамна го сакате Давида за свој цар.
18 Направете го тоа сега, зашто Господ го рече за Давида ова: ‘Со раката на Својот слуга Давид ќе го избавам својот народ Израел од филистејските раце и од рацете на сите негови непријатели.’”
19 Така Авенир им зборуваше и на Венијаминовите синови, а тогаш отиде во Хеврон, за да му јави на Давида сè што им се допадна на Израел и на Венијаминовиот дом.
20 Кога Авенир дојде кај Давида во Хеврон, и со него дваесет луѓе, Давид им приреди гозба на Авенир и на луѓето кои беа со него.
21 Тогаш Авенир му рече на Давида: „Ајде! Јас ќе го соберам сиот Израел околу мојот господар царот: тие ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, над кои што сакаш.” Давид го отпушти Авенира, кој си отиде во мир.
22 И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир.
23 Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир.
24 Тогаш Јоав дојде кај царот и му рече: „Што си сторил? Авенир дошол кај тебе, зошто го пушти да си оди во мир?
25 Зар не го знаеш Авенира, Нировиот син? Дојде за да те измами, за да ги научи твоите чекори, за да научи сè што правиш!”
26 Потоа Јоав излезе од кај Давида и испрати гласници по Авенира, кои што се вратија, од кладенецот Сира, а Давид не знаеше ништо за тоа.
27 Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе настрана зад вратата, како да сака да разговара со него насамо, и таму го рани смртно во слабините, за да се одмазди за крвта на својот брат Асаил. И тој умре.
28 Кога после Давид го чу тоа, рече: „Јас и моето царство сме невини пред Господа довека за крвта на Авенира, Нировиот син.
29 Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!”
30 Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон.
31 Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката.
32 Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ.
33 Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира: „Зар требаше да умре Авенир како што умира безумниот?
34 Твоите раце не беа врзани, твоите нозе не беа оковани. Падна како што се паѓа од злосторник!” И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него.
35 Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!”
36 Сиот народ го чу тоа, и му беше по волјата, како што народот одобруваше и сè друго што правеше царот.
37 Во тој ден сиот народ и сиот Израел созна дека царот не е виновен за убиството на Авенира, синот Ниров.
38 Тогаш царот им рече на своите дворјани: „Не знаете ли дека денес падна кнез и голем човек во Израел?
39 Ама јас сум сега уште слаб, иако сум помазан цар, а овие луѓе, синовите Серуини, се посилни од мене. Господ нека му плати на злосторникот според неговото злодејство!”