2 Самоилова 10 MKB

1 Потоа почина Нахаш, царот на Амонците, а се зацари место него неговиот син Анун.

2 А Давид си рече во себеси: „Сакам да му искажам милост на Нахашовиот син Анун, како што неговиот татко ми искажа мене.” Затоа Давид ги испрати своите слуги за да му искажат сочувство заради неговиот татко. Ама кога Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците,

3 кнезовите на Амонците му рекоа на својот господар Анун: „Зар мислиш дека Давид ги испрати луѓево, за да ти искажат сочувство затоа што сака да му искаже почит на твојот татко? Не ги испратил ли Давид своите слуги кај тебе, за да го извиди градот, за да ја научи неговата одбрана и потоа да го разурне?”

4 Тогаш Анун ги грабна Давидовите слуги, им избричи половина брада и им ги скрати облеките до половина, и ги испрати назад.

5 Кога му го јавија тоа на Давида, тој испрати човек пред нив, зашто тие луѓе беа тешко засрамени, и им порача: „Останете во Ерихон додека не ви порастат брадите, па вратете се тогаш!”

6 Тогаш Амонците увидоа дека се замразија со Давида; затоа Амонците испратија гласници за да ги најмат за плата Арамејците од Вет Реова и Арамејците од Сова, дваесет илјади пешаци, потоа царот Маха, илјада луѓе, и луѓето од Това, дванаесет илјади војници.

7 Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со војската и со одбрани јунаци.

8 Амонците излегоа и се наредија во боен ред пред градската врата, додека Арамејците од Сова и од Реова и луѓето од Това и од Маха стоеја одделно во полето.

9 Откако виде бојни редови спроти себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најспособните меѓу Израелците и ги нареди спроти Арамејците.

10 Другата војска му ја предаде на братот Ависај за да ја нареди спроти Амонците.

11 И му рече: „Ако Арамејците бидат посилни од мене, тогаш ти прискокни ми на помош; ако Амонците бидат посилни од тебе јас ќе ти побрзам на помош.

12 Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на својот Бог; а Господ нека направи што Му е по волјата.”

13 Тогаш Јоав и војската што беше со него почнаа да се приближуваат за да удрат врз Арамејците, ама тие избегаа пред него.

14 Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, побегнаа и тие пред Ависеј и се повлекоа во градот. Тогаш Јоав се откажа од војната против Амонците и се врати во Ерусалим.

15 Кога Аморејците видоа дека Израелците ги поразија, ги собраа повторно своите чети.

16 Адар-Езер испрати гласници и ги собра Арамејците што се од онаа страна на Реката. Тие дојдоа во Елам под водството на Совак, војвода на Адар-Езеровата војска.

17 Откако му го јавија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци и, откако помина преку Јордан, дојде во Елам. Арамејците се наредија против Давида и започнаа бој со него.

18 Ама Арамејците удрија во бегство пред Израелците, и Давид им истепа седум стотини коњи на бојните коли и четириесет илјади пешаци; го погуби и нивниот војвода Совак, та умре таму.

19 А кога сите цареви, Адар-Езерови подвластеници, видоа дека Израел ги порази, склучија мир со Израел и почнаа да му служат. А Арамејците веќе не се осмелуваа да им помагаат на Амонците.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24