2 Самоилова 5 MKB

1 Тогаш се собраа сите израелски племиња кај Давида во Хеврон и рекоа: „Еве, ние сме од твојата коска и од твоето месо.

2 Уште порано, додека Саул уште беше цар над нас, ти управуваше со сите движења на Израел, а Господ ти рече: ‘Ти ќе го пасеш Мојот Израелски народ и ти ќе бидеш водач на Израел!’”

3 Така дојдоа сите израелски старешини кај царот во Хеврон, а Давид склучи со нив сојуз во Хеврон пред Господа; и го помазаа Давида за цар над Израел.

4 На Давида му беа триесет години кога стана цар, а царуваше четириесет години.

5 Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над сиот Израел и над Јуда.

6 Давид тргна со луѓето на Ерусалим против Евусејците, кои живееја во онаа земја. Ама тие му порачаа на Давида: „Нема да влезеш ваму! Слепците и хромите ќе те одбијат!” Тоа значеше: „Давид нема да влезе ваму.”

7 Сепак Давид ја зазеде Сионската Тврдина, односно Давидовиот Град.

8 Во оној ден Давид рече: „Кој ќе ги истепа Евусејците, нека ги порази со копје и хромите и слепите, кои и беа замразени на Давидовата душа.” Затоа се вели: „Слепците и хромите нека не влегуваат во Храмот.”

9 Давид се насели во тврдината и ја нарече Давидов Град. Тогаш Давид подигна ѕид наоколу од Мило па внатре.

10 Давид стануваше сè посилен, зашто Господ, Бог над Воинствата, беше со него.

11 Тирскиот цар Хирам му испрати на Давида пратеништво и кедрови дрва, дрводелци и ѕидари, кои што изградија дворец за Давида.

12 Тогаш Давид созна дека Господ го потврди за цар над Израел и дека многу го возвиши неговото царство заради Својот израелски народ.

13 По доаѓањето од Хеврон Давид зеде уште соложници и жени од Ерусалим; и му се родија на Давида уште синови и ќерки.

14 Еве ги имињата на децата кои му се родија во Ерусалим: Самуј, Совав, Натан, Соломон,

15 Евар, Нафиг, Јафиј,

16 Елисам, Елијад и Елифалет.

17 Кога Филистејците чуја дека го помазаа Давида за цар над Израел, сите излегоа за да го бараат Давида. Откако го чу тоа, Давид слезе во своето засолниште.

18 Филистејците дојдоа и се раширија по Рафајската Долина.

19 Тогаш Давид го праша Господа: „Можам ли да ги нападнам Филистејците? Сакаш ли да ми ги предадеш мене во рацете?” Господ му одговори на Давида: „Нападни! Ќе ти ги предадам Филистејците во рацете!”

20 Тогаш Давид дојде во Вал Ферасим и таму ги порази. Давид рече: „Господ продре пред мене меѓу моите непријатели како што продира водата.” Затоа тоа место беше наречено Вал Ферасим (Место на Продори).

21 Таму ги оставија своите богови; а Давид и неговите луѓе ги однесоа.

22 Филистејците дојдоа пак и се раширија по Рафајската Долина.

23 Давид пак го праша Господа, а Тој му одговори: „Не оди пред нив, туку појди им зад плеќи и нападни ги од спротивната страна на Бекаим (Црници).

24 Кога ќе чуеш шум на чекори по бекаимските врвови, тогаш побрзај, зашто тогаш Господ ќе оди пред тебе за да ја порази филистејската војска.”

25 Давид направи како што му заповеда Господ, и ги порази Филистејците од Гаваја до Гезер.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24